Пакистански дрон е соборен денеска во западниот дел на Индија, јави индиската телевизија НДТВ, повикувајќи се на полициски извори.
Инцидентот меѓу двете земји, кои располагаат со нуклеарно оружје, го потврди и полициски функционер, кој рече дека во тек е истрага.
Претходно, пакистанското Министерство за надворешни работи го повика на разговор индискиот дипломат во Исламабад за да протестира поради воздушните напади кои пред зора ги изведе Индија на пакистанска територија. Министерството оцени дека индиската агресија е закана по регионалниот мир и стабилност и оти Индија ќе добие соодветен одговор од страна на Пакистан во време и место по избор на Исламабад.
Индија тврди дека уништила камп за обука на терористи во регионот Џаба, со кој управува Пакистан, додека Пакистан соопшти дека го спречил нападот и „натрапниците” биле избркани од неговиот воздушен простор.
Комитетот за национална безбедност на Пакистан, денеска ги отфрли тврдењата на Индија дека нејзината војска погодила наводен терористички камп близу Балакот. На специјалниот состанок на Комитетот, со кој претседаваше премиерот Имран Кан, присуствуваа и министрите за надворешни работи, одбрана, финансии, челниците на сите родови на војската и други цивилни и воени функционери. На состанокот е оценето дека станува збор за постапка на Индија која е „за домашна употреба”, со оглед дека се приближуваат избори, но по цена на регионалниот мир.
Пакистанскиот премиер наложи вооружените сили и народот на Пакистан да бидат во состојба на подготвеност.
Портпаролот на пакистанската војска Асиф Гафур го осуди индискиот упад и го отфрли нивното тврдење дека рано изутринава погодиле терористички камп. Тој рече дека индиските авиони биле во пакистанскиот воздушен простор само четири минути и се повлекле кога пакистанските борбени авиони ги „предизвикале”. Според неговите зборови, пред да заминат, авионите успеале да исфрлат четири бомби во близина на градот Балакота, но не предизвикале никаква материјална штета.
Индискиот министер Гадендра Синг Шехават потврди дека Индија извршила воздушен напад на „терористички кампови” во пакистанскиот дел на Кашмир. Акцијата била одговор на неодамнешниот напад на бомбаш-самоубиец во индискиот дел на таа област, во кој загинаа 49 индиски полицајци, а за кој одговорност презеде една пакистанска екстремистичка група. Индија тврди дека во денешните воздушни напади загинале голем број екстремисти од терористичката група Џаиш ел Мухамед, која го изведе смртоносниот напад.
Секоја ескалација на тензиите меѓу Индија и Пакистан што може да доведе до војна, може да доведе и до употреба на нуклеарно оружје и да предизвика поширок регионален конфликт. Кина, долгогодишен сојузник на Индија и трет барател на територијата на Кашмир, побара воздржаност од двете страни.
Лу Канг, портпарол на Министерството за надворешни работи, изјави пред новинарите дека Кина се надева оти нејзините соседи „ќе се воздржат и ќе преземат активности кои ќе помогнат во стабилизирањето на ситуацијата во регионот и ќе помогне во подобрувањето на меѓусебните односи”.
И Европската Унија се огласи по инцидентот и апелира на „максимална воздржаност” од Индија и Пакистан.
Воздржаност од двете страни побара и австралиската Влада, но од Исламабад бара да преземе „итни и вистински акции против терористичките групи на своја територија”.
Реакцијата на Пакистан не завршува со дронот. Пакистанското Министерство за информации и емитување, денеска донесе одлука со која се бојкотираат сите индиски филмови и реклами на индиски производи.
Во областа Кашмир нема официјална граница меѓу Индија и Пакистан – двете војски ги дели контролна линија. Њу Делхи ги обвинува пакистанските власти дека даваат поддршка на вооружените сепаратисти, а Исламабад демантира и тврди дека народот на Кашмир самостојно се бори за своите права. Судирот меѓу Индија и Пакистан околу Кашмир трае со децении. Најмногу ескалираше кон крајот на 80-те години, кој однесе голем број жртви на обете страни.. Нападите проретчија откако во 1998 година обете земји станаа нуклеарни сили. Пакистан во 2004 година се обврза дека нема да дозволи да биде безбедно засолниште за милитантните групи кои изведуваат напади во индискиот дел на Кашмир.