На компании и поединци вечерва им беа доделени награди за остварување на целите за одржлив развој. Наградите се доделија во рамки на проектот „Градење на меѓусекторски партерства за одржлив развој” спроведен од организациите „Конект”, „Agora” i „Network Bulgaria”, а поддржан од УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската унија.
Исполнувањето на целите за одржлив развој е комплексен, но остварлив процес во кој треба да се вклучат сите страни во општеството, беше истакнато на церемонијата на доделување на наградите. Тоа е процес кој значи создавање на едно општество со хумани вредности во кое човекот ќе биде во центарот на вниманието и се ќе се врти околу него.
– Најдобро е да создавате општество во кое ќе има правда за сите и добри услови за сите. Тоа е всушност и целта на целите за постигнување на одржливиот развој. Дали е тоа можно? Да, веројатно е можно. Дали е тоа лесно?. Сигурно, не е лесно. На кому му паѓа одговорноста тоа да го направи? На тие кои ја преземале одговорноста, кои ја водат државата, односно на нас како Влада и сите кои ќе дојдат во иднина, истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев пред присутните.
Според него, она на што државата мора во иднина да посвети внимание е образованието и на реформите во него бидејќи тоа е основата за добра економија, која пак е основа за добар живот на граѓаните.
– Мораме да се свртиме повеќе кон реалниот сектор и реалните потреби на компаниите. Да направиме сериозна евалуација на квалитетот на високото образование, но исто така на младите луѓе да им покажеме дека е добро и корисно во нивниот живот да се занимаваат со реални занаети. Треба да се воведе дуално образование каде младите луѓе ќе може да почнат да заработуваат уште од својата 16- годишна возраст, истакна Анѓушев.
И од Европската унија и од УНИЦЕФ препорачуваат да се посвети внимание на образованието и животната средина.
Во 2015 година на Генералното собрание на Обединетите нации донесена е агендата 2030 која подразбира исполнување на целите за одржлив развој. Станува збор за 17 цели и 169 специфични точки за тие цели.