Оливија Колман ја доби наградата Оскар за најдобра актерка за улогата на кралицата Ана во филмот „The Favourite“.
45-годишната британска актерка беше видно емотивна и искрена во говорот по добивањето на наградата. Ова беше нејзина прва номинација и победа на Оскарите.
Низ солзи им се заблагодари на сите луѓе кои ѝ помогнале да стигне до тука во животот, а внесе и доза хумор во говорот.
„Ова е пресмешно. Јас добив Оскар“, рече актерката. Потоа ѝ се извини на Глен Клоуз, која беше номинирана во истата категорија, и ѝ рече дека отсекогаш била нејзин идол.
„До сите девојчиња кои го гледаат ова и го вежбаат победничкиот говор, нека знаат дека е возможно. Сѐ е возможно. Кога работев како чистачка, а ја сакав таа работа, сонував за ова“, рече Колман.
Нејзиниот емотивен и непосреден говор што го заврши со извикување „Лејди Гага!“, веднаш стана хит на социјалните мрежи и ќе биде запаметен во инаку прилично здодевната свеченост за доделување на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука.