Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино се извини на судијата Мајк Дин, кого нападна жестоко по поразот од Барнли со 1:2 во текот на викендот.
Аргентинскиот стручњак беше многу незадоволен од одлуките на Дин во дуелот и го изрази својот гнев по последниот судиски сигнал, а се наметна да биде смируван од своите асистенти да не дојде до нешто посериозно.
Фудбалската асоцијација на Англија го обвини за непристојно однесување и тој ја прифати казната.
– Го прифатив обвинението и се извинувам на Мајк Дин. Немам право да се однесувам на таков начин, тоа е јасно, па се извинувам. Гледав видео по натпреварот и неможам да не го прифатам обвинението на ФА. Активностите ми беа јавни, па сакам да објавам јавно извинување до Мајк Дин и до другите судии, рече Почетино денес.
Во меѓувреме ФА одлучи да го промени назначувањето на Дин за четврти судија на дербито меѓу Челзи и Тотенхем на „Стемфорд Бриџ” утре, поради случката со Почетино.
„Сините” од Лондон го пречекуваат градскиот ривал во дуел од 28-то коло на Премиер лигата, кој започнува во 21:00 часот.