Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Виетнам во пресрет на самитот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Авионот на Трамп слета на аеродромот во Ханој, неколку часа откако Ким пристигна со воз, па потоа со автомобил.
Средбата, која треба да се одржи утре и задутре, следи по историскиот прв состанок во Сингапур, минатата година.
Двајцата лидери се очекува да разговараат за напредокот во ослободувањето на Корејскиот полуостров од нуклеарното оружје.
Ким утрото беше пречекан со црвен килим на границата Донг Данг, по што со автомобил беше пренесен до Ханој, каде го чекаше силно обезбедување и толпа народ со развиорени знамиња.
Според информациите од светските медиуми, Ким најверојатно патува со неговата сестра Ким Џо-јонг и еден од неговите клучни преговарачи, поранешниот генерал Ким Џонг-чои, кои се познати личности од претходниот самит со Трамп.