Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.
„Беше човек од народот. Секогаш наоѓаше време за проблемите на обичните луѓе. Доаѓаа тие кај него, но и тој не престана да ги посетува во нивните домови. Се паметат и овие негови зборови: ‘Да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Мораш да ги обединуваш луѓето од различно потекло и со различни мислења. Не треба само да им проповедаш, туку и да им служиш, да ги водиш, да страдаш со нив. Јас имам многу важна морална улога – да ги водам, да ги охрабрувам луѓето, да знаат што е добро, а што лошо и да ги натерам луѓето да си веруваат’ зборуваше претседателот Трајковски“, потсети Заев.
Премиерот додаде дека Трајковски бил максимално посветен на поттикнување на соработката во Југоисточна Европа и на спроведување на неговата заложба за мирна добрососедска политика, со почит за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните земји.
„Политиките на Трајковски беа од особен придонес за постојаната афирмација и за натамошно приближување на нашата земја кон Европската Унија и кон структурите на НАТО. Имаше дарба и стратегија да ги одржува еднакво важни и односите на нашата земја со САД и Русија и со Народна Република Кина. Нашиот претседател Борис Трајковски, многу брзо се стекна со голем меѓународен углед. За неговата работа беше одликуван со високи одличја и признанија“, рече Заев.
Премиерот подвлече дека Трајковски ја извршувал должноста како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочувал исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебале.
„Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша“, истакна Заев.
Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, рече Заев, беа најискрени и сосема различни од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски