Портпаролот на Пентагон, Ерик Пахон рече дека НАТО се залага за слобода, демократија и колективна сигурност, а земјите какви што се Северна Македонија и Црна Гора, кои ги делат овие вредности, се знак на успех, а не на напнатост.
Запрашан дали и во која мерка членството на Северна Македонија во НАТО ќе ги зајакне тензиите помеѓу Западот и Русија, Пахон за подгоричкиот весник „Побједа“ рече дека САД се загрижени поради постапките на Русија која се меша во евроатлантскиот пат кои го избрале земјите од Западен Балкан.
„Северна Македонија силно придонесува кон НАТО мисиите, како и регионалните иницијативи за засилување на соработката и сугурноста на западен Балкан. Русија настојува да ги спречи земјите како Северна Македонија и Црна Гора да го изберат нивниот пат преку агресивно однесување и застрашување“, рече Пахон, пренесе РТЦГ.
Тој истакна дека посветеноста на САД за Западен Балкан е непоколеблива.
„Тоа е приказна која често не се нагласува, додека Русија правеше се во минатото да го намали нашиот придонес“, изјави портпаролот на Пентагон.
Според неговите зборови, САД ќе останат посветени на сигурноста, стабилноста и просперитетот во југослоисточна Европа.