Ванда: Јас сум револуционерка во фудбалскиот мачо свет

Ванда Нара, сопруга и менаџерка на Мауро Икарди, даде изјави, отворено зборуваше за предизвиците со кои се соочува.

Многумина ја обвинуваат Ванда (32) што на Икарди (26) му беше одземена капитенската лента во Интер и што моментално не игра во првиот тим на клубот.

„Единствената вистина е дека Мауро има договор на уште две години со Интер и дека тука сме пресреќни. Сигурна сум дека ситуацијата ќе се реши на обострано задоволство. Милано е мојот втор дом, сите мои деца се Италијанци, а новинарите постојано нѐ селат некаде“, рече Ванда.

Таа додава дека себе си се смета за револуционерка.

„Живееме во мачо свет, а јас сум револуционерка. Во фудбалскиот свет жените се сметаат за ‘вишок’, односно дека местото им е дома со децата. Имам многу пријателки кои се сопруги на фудбалери и често ми се смеат. Чудно им е ова со кое се занимавам јас, но со тек на време ме замолиле да ги менаџирам и нивните сопрузи бидејќи знаат како работам“, додава таа.

Ванда зборуваше и за односот со Мауро. Таа вели дека тој ѝ е поддршка и главен столб во животот.

„Медиумите измислуваат лаги за мене и за Мауро. Нашиот брак не е во никаква криза, ниту пак некогаш бил. Мауро ми дава голема поддршка. Тој не е мачо тип на маж, секогаш е тука за мене и секогаш верува во мене. Го сакам Мауро, нашата љубов ќе трае вечно“, вели Ванда и додава дека многу ѝ пречи кога луѓето зборуваат дека е со него поради парите.

„Секогаш сама сум заработувала, финансиски сум независна и поради тоа приказните дека сум со Мауро поради пари се глупави и злобни. Јас и Мауро се сакаме и веруваме еден во друг. Можам ништо да не работам, ама не сакам. Работам во најуспешната телевизиска куќа, успешна бизнисменка сум, имам канцеларии во Милано… На моите деца им давам пример како треба да се однесуваат во животот. Уште отсега ги подготвувам за злобата и зависта околу нив. Ги учам на животни вредности, односот кон работата, почитувањето кон луѓето кои ви значат“, рече Ванда.

Треба да знаете
Последни објави