Новиот предлог од данската владата би можел да им ја олесни на властите процедурата за принудно посвојување на деца чии родители се оценети за неспособни да преземат одговорност за нивната грижа, пренесуваат данските медиуми.
Според актуелните правила, во многу малку ситуации родителите се принудени законски да се откажат од своите деца и да ги дадат на посвојување. Но, предложените нови правила ќе им ја олеснат процедурата на властите, пишува весникот„Берлингске“.
Принудното посвојување може да се примени во случаи кога родителите не се способни да продолжат да функционираат како старатели, пишува весникот.
Предлогот, кој беше закажан за парламентарна процедура во вторникот, беше поднесен од министерката за деца и социјални прашања, Маи Меркадо, која рече дека во интерес на децата сака полесен процес за преземање на мерката присилно посвојување.
Неколку фази од процедурата ќе бидат отстранети за да може случаите да бидат обработени побрзо, се вели во извештајот.
Дополнително, новите правила ќе им овозможат на децата директно да бидат сместени во претходно одобрено семејство за посвојување. Во моментов, потребно е згрижување додека не се донесе одлука во тековните случаи.
Предлогот најверојатно ќе добие масовна поддршка во парламентот иако конзервативниот сојузник на владата, Данската народна партија, се противи на тоа.
Од 2015 година, општините аплицирале за принудно посвојување на 22 деца од кои Одборот дал одобрение во 16 од тие случаи. Меркадо истакна дека со новите правила нема да се сменат критериумите за принудно посвојување.