Делегација на Министерството за надворешни работи, предводена од заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во периодот од 25 до 27 февруари престојуваше во Женева, каде што учествуваше на сегментот на високо ниво на 40-та сесија на Советот за човекови права на ОН.
Во своето обраќање, Жерновски се осврна на актуелните глобални предизвици кои се во фокусот на вниманието на меѓународната заедница од аспект на состојбата на човековите права.Во делот посветен за презентирање на состојбите во земјава, тој информираше за преземените активности во насока на унапредување на состојбата во повеќето општествени сфери, со цел соодветна промоција, заштита и почитување на човековите права и слободи.
На маргините на Советот, Жерновски се сретна со Дидиер Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија. На средбата, Жерновски оцени дека билатералната соработка помеѓу двете земји се одликува со пријателство и со взаемно изразена подготвеност за натамошно унапредување. Двете држави споделуваат исти демократски вредности и интерес за соработка. Посебно се осврна на надворешно политичките приоритети, потенцирајќи ја историската година на РСМ со затворање на најчуствителното билатерално прашање со Грција, при што Жерновски истакна дека земјава веќе нема отворени политички прашања, со што се отстранети сите пречки за членство во двата големи сојузи, НАТО и ЕУ. Следува период за економско консолидирање и почуствување на економските бенефити од овие процеси.
Жерновски изрази благодарност кон Кралството Белгија за континуиранaта поддршка во ЕУ и НАТО интеграците на земјава и очекување дека набргу ќе следи ратификација на пристапниот протокол во Белгиското дводомно собрание.
Министерот Рејндерс, упати честитки до Владатаа реафирмираше поддршката на Белгија во реализација на стратешките цели на РСМ и реформските процеси, при што ја охрабри Владата да продолжи со превземените клучни реформи со цел добивање на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни и истакна дека Белгија во скоро време ќе го ратификува и Протоколот за членство на земјава во НАТО.
Во рамки на учеството на високиот сегмент на 40-тиот Совет за човекови права, Жерновски оствари билатерални средби и со Ретно Лестари Приансари Марсуди, МНР на Индонезија, Тереза Рибеиро, ЗМНР на Португалија, Пол Тесалу, ЗМНР на Естонија, Елмар Махарам, МНР на Азербејџан, Емануела Клаудиа Дел Ре, ЗМНР на Италија, Кјото Цуји, ЗМНР на Јапонија и со Клаудио Авруј, државен секретар. На сите средби беа упатени искрени честитки за стекнатиот статус на поканета членка во НАТО, со изразена надеж дека формалната ратификација на Протоколот ќе заврши многу брзо.