Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” денеска го промовираше зборникот „Кон мировното образование”, што има за цел придонесување кон зголемување на знаењата за нивната Програма за мировно образование. Програмата се спроведува во повеќе училишта во државата од 2011 година, а главната цел е намалување на насилствата во училиштата и градење на култура на мир.
– Сите наши активности со текот на години ја креираа базата на мировното образование. Целта на мировното образование е промовирање солидарност, емпатија, љубопитство и разбирање на другиот и кој што истовремено ќе може да одговори на сите политички прашања и на се она што се случува во турбулентни времиња на живеење. Во моментот спроведуваме мировно образование во 11 училишта што се активни и имаме училишта што не се постојано активни, меѓутоа се во овој широк круг на семејството на мировното образование. Годинава поставивме пилот програма што е во договор и соработка со Министерство за образование и наука и се обидуваме да стигнеме до што поголема опфатеност и поставување во формалниот образовен систем, вели Ана Битољану од Меѓаши.
Во зборникот се содржани текстови од поддржувачи на Мировното образование од различни профили, како и речник со клучни поими за мировното образование.
– Многу е важно да се промовира ненасилен начин на комуникација и рушење на сите стереотипи. Преку мировното образование им дозволуваме на младите да погледнат со очи на другиот, со очи на различниот и сепак да ги најдат сличностите што ги спојуваат и да најдат простор да разберат и да живеат една поинаква перспектива, додаде наставничка од средно економско и правно училиште „Арсени Јовков” и учесник во изготвувањето на Зборникот.
Бирото за развој на образование даде поддршка за реализација на Програмата за Мировно образование.
– Содржините и активностите од мировното образование се застапени и во формалниот и во неформалниот дел на системот. Овие содржини се проткајуваат низ предметот „Одбрана и заштита” порано или „Мир и толеранција” сега. Како наставен предмет ќе е уште оваа година, но како проектна активност „Мир толеранција и заштита” е застапен во гимназиското образование и средното стручно образование. Во неформалниот пристап работиме на многу активности и проектни каде што училиштата се врзуваат со невладини организации, локална заедница, меѓународни организации, појасни Софка Коцева од Бирото за развој на образование.
Таа посочи дека е многу важно преку оваа програма учениците да промовираат култура на мир, да дејствуваат како миротворни и интегративни личности во демократските процеси на државата, да се оспособат за поширока комуникација, да бидат носители на трансформацијата на односите во општеството, да се залагаат против отуѓувањето, дезинтеграцијата и деградацијата од секаков облик.