Пакистан: Уапсен е само еден индиски пилот

Пакистанската војска денеска соопшти дека во притвор, сепак, е само еден индиски пилот, а не двајца, како што претходно соопшти.

Беше соопштено дека војската заробила двајца пилоти, откако пакистанските воздухопловни сили соборија нивен авион на пакистанската страна во спорниот регион Кашмир.

Портпаролот на пакистанската војска Арид Гафур претходно изјави дека се уапсени двајца пилоти, од кои еден е повреден.

Индија и Пакистан се на прагот на нова војна како последица на зголемените тензии, што почнаа пред две недели со напад врз припадници на Армијата на Индија во индискиот дел на Кашмир од страна на муслиманските сепаратисти на 14 февруари, при што загинаа најмалку 40 војници.

Како одговор на нападот, индиски борбени авиони извршија воздушни напади врз позициите на сепаратистите на територија на Пакистан.

На нападите пакистанската армија денеска одговори со соборување на два индиски воени авиона, за кои тврди дека навлегле во воздушниот простор на Пакистан.

– Пакистанското Воено воздухопловство урна два индиски авиона, што се наоѓа во воздушниот простор на Пакистан, објави на Твитер армискиот портпарол Гафур.

Според него, едниот од авионите паднал во пакистанскиот дел на Кашмир, а вториот се урнал на индиска територија.

Гафур додаде дека пилотите од едниот авион успеале навреме да се катапултираат, по што по спуштањето на земјата биле заробени од пакистански војници.

– Еден од заробените пилоти е во притвор, а другиот е хоспитализиран, додаде тој.

Сепак, според Гафур, Пакистан „не сака да оди во војна” со својот сосед.

Индија, пак, потврди загуба на еден авион и нагласи дека нејзините сили собориле пакистанско борбено летало, во конфликт што се одиграл на небото над спорниот хималајски регион Кашмир.

Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, Раџеш Кумар објави дека пакистанскиот авион бил погоден, поради тоа што учествувал во операција „насочена против воените инсталации на индиската држава”.

– Пакистанскиот авион беше забележан од копнените сили и се урна на пакистанска територија, додаде Кумар.

Пакистан, во меѓувреме, го затвори својот воздушен простор, поради опасност од поголем конфликт со соседна Индија.

Пакистанската Управа за цивилно воздухопловство (САА) потврди дека „официјално е затворен воздушниот простор до следната наредба”, а одлуката е донесена „поради новосоздадената ситуација”. Сите авиокомпании се информирани за „прекин на летовите до нова наредба”.

Индиските воздухопловни власти, пак, затворија најмалку шест аеродроми, а десетици летови се откажани. Затворена  е огромна област на воздушниот простор во Индија, северно од Њу Делхи, каде се забранети  цивилни летови.

Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска во обраќање до нацијата му понуди дијалог на неговиот индиски колега Нарендра Моди, нагласувајќи дека Индија треба да размислува каде сака да ја насочи сегашната ситуација.

Треба да знаете
Последни објави