Поранешниот шпански премиер, Маријано Рахој, денеска ќе се појави на суд како сведок во процесот против 12 поранешни каталонски лидери.
Ова ќе биде вторпат за помалку од две години, поранешниот премиер да сведочи за околностите при неуспешниот обид на Барселона да прогласи независност во есента 2017 година, објави агенцијата „Ројтерс“.
Агенцијата потсетува дека на Рахој не му беше изгласана доверба на предлог на социјалистите во јуни минатата година.
Владата на Рахој политички позиционирана во десниот центар, во Каталонија испрати илјадници полицајци кои врз демонстрантите користеа гумени куршуми и пендреци за да го сопрат референдумот за независност на 1 октомври 2017 година, а недела дена подоцна беше воспоставена и директна власт во богатиот шпански североисточен регион.
Сведочењето на Рахој ќе биде втор случај во Шпанија поранешен премиер да сведочи во највисокиот суд – поранешниот водач на социјалистите, Фелипе Гонзалес, сведочеше во 1998 година на судењето на членовите на баскиско сепаратистичката организација – ЕТА.