Партизацијата и злоупотребите на државните институции се симбoл на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кои донесоa пандемија на непотизам. Кабинетот на Ѓорѓе Иванов е уште една потврда дека во секоја државна институција која била раководена од кадри на ВМРО-ДПМНЕ има случаи на вработувања на роднини на функционери од оваа партија, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Денеска ќе објавиме еден актуелен случај. Анастасија Илиеска, членка на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и на ИК на Унијата на жени, поранешна државна советничка во Министерството за внатрешни работи и директорка на УЈП, вработена е како советник за безбедност во кабинетот на Иванов. Нејзината ќерка, Андреа Илиеска пак е вработена во Агенцијата за разузнавање. Оваа институција, Агенцијата за разузнавање, е под директна надлежност на Ѓорѓе Иванов“ истакна Костадинов.
Според неа, станува збор за многу блиски роднински врски, за овој актуелен случај во Кабинетот на Иванов, постојат основани сомневања за судир на интереси.
Освен нејзината ќерка, како што вели Костадинов, во државна инситуција добил работа и братот на Илиеска, Александар Тошески, поточно во Централен регистар во Прилеп.
„Го повикуваме Ѓорѓе Иванов да се изјасни за овој случај во неговиот Кабинет, да ги повика роднините на Илиевска да се повлечат од работните места, во името на борбата против непотизамот.
Христијан Мицкоски да не чека, да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски и Стевананџија да ги повлечат своите роднини од државниот сектор. Да ја повика членката на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ и советничка на Иванов, Анастасија Илиеска, нека ги повлече своите роднини од државниот сектор.
Ајде да го пресечеме јазолот на непотизам создаден во времето кога ВМРО-ДПМНЕ имаше апсолутна власт“ повика портпаролот на СДСМ.
Владејачката партија бара и нуди решенија против непотизам и партизацијата. Оттаму велат дека веќе се случиле и повлекувања на вработени роднини на функционери од СДСМ.
„Време е да почне повлекувањето на роднините на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, во име на борбата против непотизмот“ изјави Костадинов.
Од СДСМ најавија дека ќе поднесат претставки до Државната комисија за спречување на корупцијата за овој, но и се сите останати случаи на вработувања на роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.