Советниците на денешната седница на Советот на Општина Карпош ја изгласаа одлуката за давање согласност за отпочнување со работа на новиот објект на јавната установа – општинска детска градинка „ Распеана младост“., во објектот „ Виножито “. Станува збор за нов изграден објект, кој ќе биде клон на оваа градинка во населбата Бардовци. Новите простории се изградени со финансиски средства од буџетот на локалната самоуправа и грант од 120.000 евра од Светска банка. Со овој објект, најмалите карпошани од населбата Бардовци, ќе бидат згрижени и сместени во градинка во своето населено место. Интенција на локалната самоуправа и во иднина ќе биде проширување на капацитетите на градинките кои се наоѓаат на територија на Општина Карпош.
Извештајот за работите во однос на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на Полициската станица од општа надлежност Карпош за 2018 година исто така доби „виза“ од советниците на Карпош. Она што е посебно забалежително од тој извештај е што во споредба со годината претходно, криминалитетот во Карпош е намален за 7-8 отсто. Исто така, беше усвоен и Извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски до 30.09.2018 година, со кои Општината преку преговарање успеа да заштеди над 10 милиони денари, преку намалување на главнината на побарувањата од доверителите, откажување од камати и судски трошоци и сл.
На денешната седница се донесе одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници за 2019 година во јавните детски градинки и општинските основни училишта од територијата на Општина Карпош. Се прифати и предлог-решението за формирање на комисија за изработка , следење и спроведување на Акционен план за 2019 година, произлезен од Локалниот еколошки акционен план- ЛЕАП 2019-2024 година.