Авијацијата на Израелските сили за одбрана (ИДФ) нападнаа цели на палестинската милитантна група Хамас по испраќањето на експлозивни балони од Појасот Газа на израелската територија, што предизвика оштетување на израелската зграда, пренесува „Спутник“ цитирајќи ја изјавата од ИДФ.
„Нашите борбени авиони и хеликоптери погодија голем број цели на Хамас во Газа како одговор на експлозивните балони кои беа лансирани од Газа претходно вечерва и оштетија еден израелски дом”, пишува ИДФ на Твитер.
Според палестинската страна, израелските авиони истрелале седум ракети врз база на Бригадите Из ад-Дин ал-Касам, военото крило на Хамас, во градот Деир ал Балах, во Појасот Газа. Меѓутоа, локалното Министерство за здравство не извести за можни жртви од нападот.
Тензиите меѓу Израелците и Палестинците во близина на границата во Газа се зголемуваат уште од почетокот на антиизраелскиот Голем марш за враќање кон крајот на март. Покрај тоа, есента ситуацијата на границата во Газа ескалираше поради продолженото гранатирање и пуштање балони со експлозив од Газа на израелска територија.