Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ја изрази својата надеж за деескалација на ситуацијата меѓу Индија и Пакистан, пренесува ТАСС.
Изјавата на руското Министерство за надворешни работи беше објавена во средата по состанокот меѓу највисокиот руски дипломат и неговиот индиски колега Сушма Свараџ во кинескиот град Вужен на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на Русија, Индија и Кина.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Пакистан вчера објави дека го затвора својот воздушен простор за сите комерцијални летови поради ескалацијата на тензиите со соседна Индија во спорниот регион Кашмир.
Пакистанската армија вчера собори два индиски воени авиона во својот воздушен простор во Кашмир по што објави дека заробени се двајца пилоти. Пакистанскиот портпарол, генерал-мајор Асиф Гафор, изјави дека еден од пилотите бил повреден и хоспитализиран во воена болница, а другиот е во притвор.
Индиските медиуми јавија дека аеродромите во индискиот дел на Кашмир се затворени за цивилен сообраќај набргу кога во тој регион беа соборени воените авиони. Индија почна со воздушни напади врз милитантите во Пакистан во вторникот. Нападите се одмазда за милитантните напади врз индиските војници во Кашмир. Тензиите се вжештени од самоубиствениот напад на 14 февруари врз конвој на индиска паравоена полиција, во кој загинаа најмалку 40 војници.