Германските обвинители испитуваат како Мароканeц осуден за помагање на пилотите убијци, кои во 2001 година го извршија нападот врз „кулите близначки“ во САД, на неговата замрзната затворска сметка наводно добил 7 000 евра пред да биде депортиран во Мароко.
Мароканецот Мунир ел Мотасак бил депортиран во октомври, малку пред отслужувањето на 15-годишната казна која му била изречена како член на терористичка организација и соучесник во убиство.
Како што објави агенцијата АП, истрагата на обвинителството во Хамбург се фокусира на наводната исплата на неговата затворска сметка, што е сметка на која се чуваат парите кои затворениците ги заработиле во текот на издржувањето на казната.
Парите му се исплаќаат на затвореникот на денот на неговото заминување, на во случајот со Ел Мотасак, како осуден за тероризам, целиот имот му бил замрзнат, па нејасно е како парите воопшото можеле да бидат уплатени.
Портпаролката на германското обвинителство, Нана Фромбах, изјави дека постои сомневање оти имало повреда на германскиот закон за надворешна трговија и дека поради исплатата е испратен приговор до Централната банка.