Адвокатот Миле Петровски, бранител на обвинетиот Сашо Мијалков, во денешниот завршен збор на судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2″, побара носење ослободителна пресуда за неговиот клиент бидејќи, како што рече, не постои ниту еден доказ дека тој презел било какво дејство или го сторил кривичното дело што му се става на товар.
Меѓу нив е и поранешната членка на ДИК, Анета Стефановска. Таа, според нејзиниот адвокат, Владимир Пажиќ, не сторила никакво кривично дело ниту презела дејствие кое и се става на товар.
– Не може странка во постапката, а тоа во случајов е СЈО, да каже како гласале или дали некоја одлука е исправна или не. Арбитер меѓу странките во конкретниов случај за ДИК е надлежен судот, рече адвокатот Пажиќ.
Тој посочи на одредба од ЗКП која бара сторител да злоупотреби службена положба, за која во обвинението во овој случај, како што рече, не е наведено која законска одредба Стефановска ја повредила. Според него, и доказите покажале дека обвинетата постапила според надлежностите кои ги имала како член на ДИК.
Пажиќ побара ослободителна пресуда за Стефановска.
Обвинетата Стефановска во завршните зборови рече дека таа како член на ДИК од 2012 до 2016 учествувала на повеќе избори и досега немала никаква грешка и сите функции ги извршувала чесно и професионално. Таа се праша зошто е во судот и рече дека не се чуствува виновна.
– Како член на ДИК, тврдам дека мене никој не ми сугерирал како да гласам, рече Стефановска и додаде дека гласала по свое лично убедување.
Стефановска се расплака и рече дека обвинението влијаело на нејзиното здравје.