Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, денеска во Митровица изјави дека се согласува со суспендирањето на зголемените такси за стоки од Србија, но подвлече дека тоа треба да се направи кога ќе биде познато што точно пишува во договорот со кој ќе се стави крај на дијалогот со Белград.
Харадинај, како што пренесува „Косова прес“, рекол дека е тешко да се донесе одлука за суспензија на таксите, доколку не се знае што ќе биде со дијалогот, односно што ќе биде напишано во договорот.
„Тешко е да се донесе одлука за суспендирање на таксите во овој момент. Се согласувам таа мерка да биде повлечена кога ќе биде заокружен дијалогот. Кога ќе имаме договор за признавање на независноста на Косово во рамки на постоечките граници, веднаш ќе ги суспендираме таксите“, рече Хардинај.
Политичките лидери на косовските Албанци се поделени околу прашањето за укинување на зголемените такси за стоки од Србија. Косовскиот претседател, Хашим Тачи, е за суспензија, но премиерот Харадинај е категорично против.