Златан Ибрахимовиќ му понуди совет на напаѓачот на Тотенхем Хари Кејн како конечно да почне да освојува трофеи.
Швеѓанецот на Кејн му даде совет да ги напушти „спарс“ и да замине во поголем клуб каде што ќе има поголеми шанси да биде освојувач.
Голгетерот на англиската репрезентација во лондонскиот клуб досега има постигнато 123 голови во 173 настапи во Премиер лигата.
Сепак на Кејн му недостигаат трофеи, а ако некој знае како се освојуваат, тоа е Ибра кој има освоено титули во Италија, Холандија, Франција, Шпанија и во Англија.
„Кога бев во Англија видов како игра. Сметам дека е одличен напаѓач, уште се развива. Прави добри работи, но со цела должна почит кон Тотенхем, мора да замине во поголем клуб ако сака нешто повеќе. Сум гледал такви играчи кои биле одлични и потоа се изгубиле во големи клубови“, рече Ибрахимовиќ и додаде:
„Сметам дека тој би можел да успее, само мора да го направи тој чекор. Луѓето те памтат по тоа што си го освоил, што значи дека конечно мора нешто да освои. Ако сака големи трофеи, му треба промена. Тотенхем има одлична екипа, но нема капацитет за освојување титули“, заклучи Швеѓанецот.