Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ испрати писма до генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток и до претседателот Ким Џонг Јанг, со кое побара Меѓународната полициска организација да не го разгледува новото барање на Косово за прием во членството.
– Од одржувањето на Генерално собрание на Интерпол во Дубаи во 2018 година, не се случија никакви суштински промени што би довеле до промена од тогашната одлука за одбивањето на приемот на т.н. Косово. Всушност, единствената промена е токму во прилог на ставовите на Република Србија против ова барање и се гледа во бројот на земји кои го повлекоа признавањето на т.н. Косово, наведува Стефановиќ во писмата.
Како што јави допсиникот на МИА од Белград, Стефановиќ ги повторува аргументите на Србија дека самото разгледувањето на ова барање ќе претставува грубо кршење на меѓународното право, како и на највисоките акти на Интерпол.
– Условите за прием во членството на Интерпол се уредени со Уставот на Интерпол и Резолуцијата за постапката за прием во Интерпол, од кои јасно произлегува дека членството на Интерпол е отворено само за државите. Повторното ставање на агендата на ова барање драстично ќе ја политизира работата на оваа професионална полициска организација и е во остра контрадикција со Уставот на Интерпол, посочи Стефановиќ.
Тој оценува дека според Уставот на Интерпол „на Организацијата и е строго забрането да презема каква било интервенција или активност од политичка, воена, религиозна или расна природа”, и дека статусот на „јужната српска покраина е регулирам со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации”, која Интерпол има обврска да ја почитува.
Покрај до генералниот секретар и претседателот на Интерпол, Стефановиќ испрати писма и до сите членови на Извршниот комитет на Организацијата со молба да гласаат против барањето за приемот на Косово.
Косово неодамна повторно упати барање за членство до Генералниот секретаријат на Интерпол, кој во согласност со процедурите, го доставува до Извршниот комитет. Комитетот одлучува дали ова барање ќе биде вклучено во агендата на Генералното собрание на Интерпол и дали земјите-членки на Интерпол ќе се изјаснат на барањето. За одобрувањето на членството потребно е двотретинско мнозинство.