Можеме да бидеме горди на она што го постигнавме и светот да вели дека денес добрите вести доаѓаат од Балканот, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во неговото обраќање на четвртиот економски форум во Делфи, Грција и порача дека нема ништо поприродно од тоа нашите две земји да бидат пријатели, да бидат блиску, да ја отворат иднината.
-Целосно сум искрен со вас, ова не се празни зборови. Навистина е посебно, одлично чувство на успех дека можеме да бидеме горди на она што го постигнавме денес и светот да вели дека добрите вести доаѓаат од Балканот. Ова не е нешто на кое што сме навикнати и навистина сум горд што бев дел од овој процес, рече Димитров.
Во говорот на пленарната сесија, министерот за надворешни работи говореше за иднината, но и за она што е направено, за, како што рече, она што го постигнавме и зошто го избравме најтешкиот пат, бидејќи полесниот пат беше да не се допира ништо.
-Она што го направивме, во суштина, потрошивме политички капитал, мислејќи на иднината и обидувајќи се да изградиме нешто што не е лесно да се изгради на меѓународно ниво и дефинитивно не е лесно да се изгради во нашиот регион, а тоа е пријателството. А за да го сториш тоа, треба да изградиш доверба, треба да ги разбереш грижите, болките, желбите на другиот, да научиш како да го почитуваш другиот, истакна Димитров.
Она што предизвика аплаузи кај присутните во салата беше делот во кој шефот на македонската дипломатија рече дека споредено со неговата прва посета на Атина на 14 јуни 2017, сега по Договорот од Преспа смета дека има повеќе пријатели во Грција.
Димитров уште еднаш го спомена примерот што го користи да ги спореди преговорите и решението со изработката на филиграни.
-Размислувавме долготрајно, размислувавме за придобивките за луѓето, а не за славата на политичкиот момент. Повеќе мислевме на следните генерации, а помалку на следните избори, порача шефот на македонската дипломатија.
Во однос на идните потенцијали за двете земји рече потребно е сега фокусот да биде ставен на вториот дел од договорот за воспоставување стратешко партнерство, на трговијата, производството, инвестициите, безбедноста и слично.
-Да живее долго пријателството меѓу Северна Македонија и Грција, со овие зборови шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров го заврши неговото обраќање на економскиот форум во Делфи, Грција.