Полкот за специјални операции (ПСО) годинава ќе прослави 25 години од формирањето. Во изминатите години Баталјонот за специјални намени, познат како армиски „волци”, и Ренџерскиот баталјон се предводници на реформите и трансформацијата во АРМ. Секоја година сè поголем е интересот на младите генерации да станат дел од овие елитни единици, но воопшто не е лесно да се стане армиски „волк” и „ренџер”. Селективниот курс за да се добие баретката е тешка и напорна обука од која многумина се откажуваат. Кај „волците” се уште нема припаднички од понежниот пол, такви биле и искуствата од западните армии. Заменик-командантот на ПСО, полковник Сашко Лафчиски, смета дека културолошки и ментално не сме подготвени за тој чекор. Сепак, во „ренџерите” има девојки и се дел од борбените групи, а ги има и во двете чети што се во директна поддршка на баталјоните.
И „волците” и „ренџерите” имаат сопствено мото, но заедничка им е скромноста, како професионални, етички и високоморално изградени личности. Посакуваат да ја имаат најновата софистицирана опрема и вооружување, но велат, и со она со што распoлагаат ефективноста и нивото на подготвеноста и извршувањето на задачите е на највисоко ниво. Постои ривалитет помеѓу „волците” и „ренџерите”, што најмногу се гледа за време на спортските натпревари.
Пред сè треба да се биде чесен, да се помогне, посочува во разговор со МИА заменик-командантот на ПСО, полковник Сашко Лафчиски. Вели дека ПСО не само во рамки на државата, туку и пошироко регионално е една од најподготвените единици, a најголемо богатство се неговите припадници.
– Нашата водилка е „луѓето пред сè”, најмногу да се вложува во оспособување на луѓето, надградување на нивните капацитети и квалитети, а второ е да се научиме да се бориме со тоа што го имаме, рече Лафчиски.
Потенцира дека припадниците на ПСО сакаат да ја имаат најдобрата и најинтересна опрема и да се поистоветуваат и со поразвиени држави и економии и добро е, подвлече, што сега конечно со членството во НАТО се отвораат и тие можности. Во таа насока информира дека се изработени планови за набавка на специјална опрема што ќе биде потребна за извршување на задачи.
Мисиите за ПСО почнаа во 2003 година со „Слобода за Ирак” и траат до 2008 година, по што следува мисија во Авганистан, заедно со Националната гарда на Вермонт – САД, како дел од силите за операција ФЕНИКС. Најгорди се кога му помагаат на населението и извршуваат хумани мисии. Континуирано се крводарители и донираат средства онаму каде што се најпотребни. Први беа и на повикот при природните катастрофи поплавата во Стајковци, како и во пожарите во Пелгонискиот Регион.
Во однос на ривалитетот меѓу армиските „волци” и „ренџерите”, Лафчиски нагласува дека секој одлично е подготвен во нивниот домен, но, наведува, тенденцијата што ја имаат „ренџерите” да трчаат зад „волците”, ги направило многу посилни, ги мотивирало дополнително да изградат капацитети и знаења и од професионален и од стручен аспект.
ПСО целосно ги применува стандардите на НАТО
Командантот на ПСО, бригаден генерал Методи Хаџи-Јанев, инаку ветеран и прв командант на македонските специјалци во Ирак, каде што за изведувањето на операциите припадници на единицата беа одликувани од тогашниот државен секретар за одбрана на САД, Доналд Рамсвелд, потенцира дека полкот се насочува на три стратешки приоритети.
– Прво, имплементација на одредбите од стратешкиот одбранбен преглед и подготовка на единицата да го поддржи военото и политичкото раководство согласно уставните обврски. Второ, фокус на исполнување на НАТО-мисиите за специјални операции со посебен акцент на градење капацитети за военото асистирање и одговор на асиметричните и хибридни закани и, трето, унапредување на стандардните оперативни процедури за крос-секторско дејствување како државен капацитет за време на мир, кризна и воена состојба, вели Хаџи-Јанев.
На 18 август минатата година командантот на единицата е одликуван со медал за заслуги од страна на државниот секретар на САД за покажани извонредни резултати во унапредување на билатералната соработка со САД.
Мотото на „волците” – секогаш и секаде први
Носител на специјалните операции е Баталјонот за специјални намени – „волци”, изведуваат хируршки прецизни операции, операции од висок ризик, каде би се постигнувала некоја стратешка цел, а сето она што значи борбено обезбедување или одбивање некаков дополнителен непријател што би влегол во зона на операции на „волците” е задача на „ренџерите”.
– Високоризични операции и мисии од стратешко значење се задача на „волците”, а обезбедувањето на операцијата е задача на „ренџерите”. „Волците” се со предзнак сили за специјални намени, а „ренџерите” се елитна пешадија што извршува специјални операции, појаснува потполковник Ѓорѓи Вељовски, командант на Баталјонот за специјални намени – БСН, „волци”, инаку спортист, учесник во маратонски и полумаратонски трки, со над 100 падобрански скокови. Вели да се биде војник, да се биде спортист.
На прашањето од каде потекнува називот волци, потполковник Вељовски информира дека кога е формирана единицата во 1994 година во почетокот амблемот им бил црн пантер.
– Потоа е сменет со волк затоа што волкот има карактеристики на грабливец, исто како специјалецот, волкот има дебел врат затоа што сам си го фаќа пленот, а живее во глутница каде има хиерархија и строго се почитува кој е прв, алфа, бета…, појаснува Вељовски.
За пет години имало три селективни курсеви на кандидатите за припадници на „волците”. Потребно е да се поминат општообразовниот тест, тестот за пливање, лекарските прегледи, по што следува курсот за специјалните единици.
– Селективниот курс значи 24 дена на армискиот полигон Криволак, непрекината психофизичка работа од планот за борбена обука и воспитување што го имаме во единицата. Кандидатите на Криволак 24 дена поминуваат тешка обука и доста од нив се откажуваат, а некои не успеваат да ги исполнат критериумите, појаснува командантот на „волците”, потполковник Вељовски, кој e еден од припадниците кои и по долги години од поминување на селективниот курс ги добиваат максималните 300 бода на физичките проверки. Наведува дека најмалку што го поминале курсот се осум проценти, а најмногу 50 – 60 проценти зависно од годишното време, од бројот и од тоа каква е групата кандидати.
– Изолирани сте и сте само бројка, ниту име, ниту презиме, нема пристрасност. Тука се гледаат вистинските вредности, нагласува тој.
Инаку, за 25 години армиските „волци” имаат сменето 12 различни видови униформи, кои се дел од нивниот последен календар за 2019 година.
– Фокусот според НАТО-концептот за специјални сили е воено асистирање, специјално обезбедување и директни акции. Тоа се трите примарни суштински задачи според новата доктрина на армијата согласно НАТО-стандардите, изјави командантот на Баталјонот за специјални намени – БСН.
Мирновременски „волците” меѓу другото извршуваат и специфични задачи од типот обезбедување високи воени раководители. Откако е започната мигрантската криза, согласно Кризниот менаџмент на државата, единицата по потреба е ангажирана во извршување задачи од својот домен за поддршка на силите на МВР.
Во однос на обуките, најголем придонес даваат САД и таа соработка трае веќе 20 години. Во рамки на билатералната соработка во Кина се испраќаат за обука на борбени вештини.
„Волците” се секогаш и секаде први, а „ренџерите” чекор понапред е мотото на армиските „ренџери”
Според потполковник Оливер Зариоски, заменик-командант на Ренџерскиот баталјон, мотото произлегува од самата конструкција на единицата.
Од „волците”, посочува, се разликуваме пред сè во функционалната должност и самата мисија и задачите се различни.
– „Ренџерите” собираат информација во длабочина на непријателот, заземање клучни точки, десантите, брзата инфлитрација, се одликите на Ренџерскиот баталјон, појасни Зариоски.
Дел од задачите на „ренџерите” се и поддршка на институциите на МВР, односно поддршка на јужната граница. Од 2015 година армиските „ренџери” постојано се ангажирани на јужната граница со настанувањето на мигрантската криза во поддршка на силите на МВР.
Проблеми со кои се соочуваат, наведува, се од логистичка природа, кои сепак не влијаат на обученоста, која е на највисоко можно ниво.
– Делумно имаме одредени ограничување во логистиката, моторните возила, мал дел од застарена опрема, но и со опремата што ја поседуваме ги извршуваме задачите на највисоко ниво, дециден е Зариоски.
Ренџерите имаат добиено голем број награди и признанија, а фактот што над 90 нивни припадници се здобиле со медали покажува за нивната подготвеност и обученост. Меѓу најдрагите им е медалот добиен за второ место во септември лани во конкуренција од 80 држави во Обединетото Кралство за борбена патрола при што се реализираат одреден број борбени задачи.
Баталјонот е формиран во 2004 година по четвртата трансформација на првата специјална единица во АРМ. ПСО ги става под иста команда двата борбени баталјони и тоа веќе постојниот Баталјон за специјални намени „волци” и новоформираниот Ренџерски баталјон, кој се формира со фузирање на 501 падобрански баталјон и изведувачкиот баталјон во 2004 година.
Историски осврт на полкот и двата борбени баталјони
Секоја модерна војска во светот во својот состав поседува елитни единици кои се наменети за извршување специјални операции. Полкот за специјални операции е единица, истакнува командантот, бригадниот генерал Методи Хаџи-Јанев, која оставила белег во минатото, но исто така покажа и убедливо докажа за своето време, во времето на воини од нов тип.
Потребата од формирање специјална единица која ќе биде подготвена да се соочи со сите безбедносни предизвици, предизвиците за суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, односно сила која би можела, во неконвенционални воени акции, да се спротивстави на современите закани, всушност, потенцира Хаџи-Јанев, претставуваше врвен приоритет на државата.
Почетоците на полкот датираат уште во 1993 година, кога беше донесена одлука да се формира Одделот за специјални цели „Волци”, но „Волците” официјално беше формиран на 1 март 1994 година, што е всушност чета за антитерористички операции во рамки на Министерството за одбрана, кратко време по осамостојувањето, како прва целосна професионална единица на Армијата. Од историска гледна точка, единицата поминала неколку фази на развој.
Во 1997 година беше формирана првата тимска формација која се преименува во Единица за специјални намени (Единица за специјални намени) или 6-тиот одред, од кои дел беа две чети. Единицата во 2001 година стана дел од „Единица за борба против тероризмот – ЕБПТ” (единица за борба против тероризмот) како дел од борбената група формирана 2001 година за време на кризата во државата. Во периодот од 2002 до 2003 година со оформување на командата на специјалните сили се преименува во КСЕ – Команда на специјалните единици. Во декември 2003 година со одлука на врховниот командант единицата е преструктурирана во одред за специјални намени.
На почетокот на февруари 2004 година беше формиран Ренџерски баталјон (РБ), во чиј состав влегоа делови од извидничкиот баталјон „Рисови”, дел од бСН и 501 падобрански. Исто така, во 2006 година, Ренџерскиот баталјон влезе во новоформираниот полк. Ренџерскиот баталјон има интензивен развој почнувајќи од 2004 година до денес, и прави максимални напори за зголемување на неговата оперативна способност. Единицата, оценува командантот на ПСО, бригадниот генерал Хаџи-Јанев, е полна со стручен персонал обучен според стандардите на НАТО и програмери. Во ноември 2006 година е извршено преструктурирање на единицата во Полк за специјални операции (пСО).
Денес Полкот за специјални операции целосно ги применува стандардите на НАТО.
Успеси и достигнувања во последниот период
– Прва интерагенциска вежба во државата „Бура 2018″ каде имаше преку 400 учесници од повеќе државни инстуции (АРМ, МВР, ДЗС, ЦУК)
– CAMBIAN PATROL – високо втор место на меѓународен воен натпревар во борбено патролирање
– SHARP BLADE- второ место во интернационална конкуренција на меќународен снајперски натпревар во Р Кина
– Учество на неколку меѓународни вежби: COMBINED RESOLVE, B9, SABER GUARDIAN, итн.
– Голем број на медали и ордени за успеси во борбени мисии.
– Учество во неколку мисии за подршка на локално населени во вонредни ситуации: поплава во Стајковцки, голем број крводарителни акции за помош, учество во акции за пребарување и спасување на исчезнати лица, ренџер помогна при извлекување на дел од повредените во автобуската несрека итн.