СДСМ, коалициските партнери и другите партии кои даваат поддршка за заеднички претедателски кандидат, вечер во 20 часот во хотел „Хилтон” ќе одржат средба на која треба да биде утврдена личноста што ќе влезе во трката за нов шеф на државата на претстојните шести по ред претседателски избори.
Засега не се открива дали вечер ќе биде соопштено и името на заедничкиот кандидат или тоа ќе биде направено на конгресот на СДСМ в недела.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети во средата постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат, кој се очекува да биде поддржан и од Алтернатива и ДПА, како и други партии.
Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.