Државниот санитарен и здравствен инспекторат побарал од Министерството за здравство на приватните ординации „Јанита“ и „Д-р Митановски“ да им биде одземена дозволата за работа поради случајот со ресенчанецот, кој почина по операција на хемороиди. Инспекторатот сите документи ќе ги испрати и до Основното јавно обвинителство за да се види има ли и кривична одговорност за овој случај.
Според директорката на ДСЗИ, д-р Ирина Бухова Сотирова, инспекторите шест години доаѓале на вратите на ординацијата „Д-р Митановски“ во Аеродром за да направат редовен надзор, но таму наидувале само на заклучени врати.
– Сопственикот, д-р Митановски е во пензија, а ординацијата, иако немала пријавено друг лекар, ја издавала операционата сала, каде пред две недели д-р Звонко Николовски извршил и интервенција на хемороиди, која била кобна за 39-годишниот ресенчанец, кој најверојатно починал од сепса, и тоа само неколку часа откако бил примен во болницата „8. Септември“. И за ординацијата „Јанита“, каде е пријавен дека работи хирургот Николовски бараме да се одземе дозволата, а тој, според законот, смеел да работи само во онаа ординација за која имал дозвола, а не и во друга установа. Во оваа ординација Николовски направил дури 130 операции каде што изнајмувал сала, инструмени и медицинска сестра од 2009 година до сега кога склучил договор со ординација иако работела на „диво“, изјави д-р Бухова.
При надзорот било утврдено и дека во ординацијата „Д-р Митановски“ немало никаква документација поврзана со интервенцијата врз овој пациент, а докторот на инспекторите им го посочил името на анестезиологот кој таму бил ангажиран.
Овој случај ќе го испитува и специјална комисија која треба да утврди имало ли пропусти во лекувањето на пациентот.
Што се однесува до претходниот, исто така трагичен случај, во кој жена почина на скопските клиники откако три дена била преупатувана од една во друга установа, ДСЗИ информира:
– Изречена е мандатна казна во износ од 200 евра на лекарот од Клиниката за абдоменална хирургија, бидејќи не ѝ овозможил здравствена заштита на пациентката, и тоа според членот 133 од Законот за здравствена заштита, иако таа била заведена како итен случај. Оправдувањето што не била примена е дека немало место во установата. За овој случај исто така инициравме формирање комисија во Министерството за здравство – изјави д-р Бухова.