„Мице Козар”: Тутунарите задоволни од откупот, поверениците неисплатени

Откупот на тутунот е при крај. Во прилепскиот регион остануваат да се преземат мали количества, а веќе почнуваат подготовките за новата реколта тутун. Според Данчо Милески, претседател на тутунско здружение „Мице Козар”, тутунарите се задоволни од просечната откупна цена од 214 денари, со оглед на нестабилната производствена година. Тој апелира приизводителите да ги донесат за откуп преостанатите количества додека има ваги на теренот.

– Веќе се откупени 99 насто од количествата. Во Пелагонискиот регион се уште 11 ваги на двајца откупувачи – на „Аалијанса” од Кавадарци и на „Сокотаб” од Битола. Ги повикуваме тутунопроизводителите што побрзо да го предадат тутунот за откуп, за да не мора да го носат во откупните компании. Задоволни сме од просечнта цена од 214 денари за килограм и од количествата, зашто се откупени нешто над 25.000 тони на ниво на цела Македонија. Со оглед на производствената година и нестабилните временски прилики, тутунарите добро поминаа и се задоволни од откупениот род, рече Милески.

Здружението се соочува со проблем зашто во нема ниту денар за исплата на поверениците кои го следеа откупот на вагите и ги застапуваа интересите на тутунарите.

-Пари за исплата за јануари и февруари нема префрлено од Сојузот на тутунските здруженија каде состојбите се уште не се расчистени. Ние треба да им исплатиме пари на 40 повереници во Прилепско. Станува збор за околу 800 000 денари за два месеца. Но, пари нема префрлено од Сојузот. Парите, кои во висина од 0,3 отсто откупувачите им ги запираат на тутунарите, се префрлаат на Сојузот на тутунските здруженија, а оттука на 15 -те македонски тутунски здурженија, членки на Сојузот. На ниво на Македонија треба да се исплатат околу девет милиони денари за поверениците, а само во прилепскиот регион 40 повереници треба да земат околу 800.000 денари, изјави Милески.

Злате Даноски од здружението „Мице Козар” го повикува Неделковски на средба и на расчистување на состојбите.

-Како внатрешна контрола и како член на Управниот одбор на здружението „Мице Козар” го повикувам Неделковски да дојде, да најдеме заедничко решение, зашто ситуацијата ги помина сите граници. Поверениците се револтирани и си ги бараат парите. Ги повикуваме и надлежните институции да си преземат мерки, истакна Злате Даноски.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски за време на неодамнешната посета на Прилеп, побара надлежните институции да ја расчистат ситуацијата во Сојузот и евентуалните малверзации за, како што рече, да нема дамки на одлично спроведениот откуп од ланската реколта и на тутунопроизводството во земјава.

Треба да знаете
Последни објави