Здружението на граѓани „Избор“ во Струмица отвори пекарница што ќе функционира како социјално претпријатие.
„Денеска, имам особена чест и задоволство да присуствувам на отвoрањето на пекарницата ‘Бејгел’, каде што ќе се реинтегрираат лицата што го завршиле процесот на ресоцијализиација и третман во терапевската заедница „Покров“. Поддршката на ваквите иницијативи ја обезбедуваме преку оперативниот план за вработување за кој оваа година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари. „Избор“ од Струмица е пример за тоа како мерките предвидени со планот може да помогнат. Ова е начинот на кој на сите треба да им биде дадена втора шанса, да се реинтегрираат и вратат на правиот пат и во иднина самите да придонесуваат за својата благосостојба“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Канцеларијата на Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ исто така го препозна потенцијалот на „Избор“ и овозможи адаптација на просторот и набавка на потребаната опрема.
„Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ ја препозна потребата за развој на социјалното претприемаштво во овој регион како нов модел за финансиска одржливост. За да се искористи потенцијалот и да се обезбеди социјална интеграција на ранливите групи, треба да го охрабриме нивното учество во економијата. Затоа, верувам дека оваа нова пекарница „Бејгл“ во Струмица е одлична иницијатива и одличен модел“, рече Давид Оберхубер, директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово.
Сократ Манчев, претседател на „Избор“, рече дека неговото здружение на граѓани работи на советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависници од психотропни супстанции.