Медицинските установи што ги лекуваат жртвите од еболата во Демократска Република Конго ја надградуваат безбедноста по нападите неделава кои ги принудија пациентите на евакуации и доведоа до затворање на два центри за лекување, објави Светската здравствена организација
„По најновиот напад на Бутембо, СЗО и партнерите работат на осигурување на безбедноста на пациентите и на персоналот. Пациентите се префрлени во транзитниот центар на Катва, што СЗО го проширува за да ги смести и лекува овие дополнителни пациенти”, се вели во соопштението.
„Лекари без граници“ и СЗО објавија дека целиот персонал бил неповреден по нападот на 24 февруари во Катва и нападот од 27 февруари во Бутембо.
Во меѓувреме, СЗО објави 77 нови случаи на ебола во изминатите три недели, главно во Катва и Бутембо, примарни здравствени зони за оваа болест, со изолирани случаи во седум други здравствени зони во источниот дел на земјата.
Од 26 февруари, во регионот имало 879 случаи на ебола, од кои 499 или 57 отсто биле жени, а 264 или 30 отсто биле деца на возраст под 18 години.
Најголемата епидемија на ебола во која умреа повеќе од 11.000 луѓе во западноафриканските нации Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне се случи помеѓу декември 2013 и април 2016 година.