Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, присуствува на Вториот самит за дијаспора во Тирана, каде денеска се обрати на панелот на тема „Правото на глас! Нова државна политика за дијаспората “.
Како што соопшти неговиот кабинет, Адеми, во своето обраќање истакна дека новите политики треба да се стремат да ја вклучат дијаспората во креирањето на домашна политика.
-Со давање право на глас на дијаспората, таа станува поважна и помотивирана за да придонесе за татковината. Правото на глас за дијаспората ја прави истата да не се чувствува како странец дома, рече Адеми.
Тој истакна дека Владата на РСМ отиде чекор напред во зајакнувањето на соработката помеѓу дијаспората и државата посочувајќи дека како министер за дијаспора во соработка со други компетентни министерства и институции подготвиле Национална стратегија за соработка со дијаспората, која наскоро ќе биде и ратификувана.
-Стратегијата има за цел да обезбеди механизми за соработка меѓу државата и дијаспората. Продлабочување на културната соработка, младинските политики, градење на соработка во економската сфера и др. Државната стратегија за соработка со дијаспората ќе подразбира потреба за вклучување на повеќе институции. Ќе се обидеме да обезбедиме јавна одговорност од надлежните министерства и другите институции, како и од организациите на дијаспората за напредок и исполнување на целите и активностите, рече министерот Адеми.
Во рамките на активностите во Тирана, Адеми ќе се состане со дијаспората на Северна Македонија, стои во соопштението.