Бангладеш вчера му порача на Советот за безбедност на ОН дека повеќе не може да прифаќа бегалци од Мјанмар, речиси 18 месеци откако повеќе од 700.000 муслимани Рохинџи почнаа да бегаат од претежно будистичкиот Мјанмар по акциите на армијата кои иследници на ОН ги окарактеризираа како „етничко чистење”.
– Жал ми е што морам да го известам Советот дека Бангладеш повеќе нема да биде во позиција да прифаќа уште луѓе од Мјанмар, рече бангладешкиот секретар за надворешни работи Шахидул Хак.
Тој го обвини Мјанмар за „празни ветувања и разни опструкции” за време на преговорите за враќањето на Рохинџите во мјанмарската држава Ракин.
– Ниту еден припадник на Рохинџите не се пријави доброволо да се врати во Ракин, затоа што таму ситуацијата е неповолна, рече Хак.
Властите на Мјанмар тврдат дека се подготвени да ги прифатат повратниците, но ОН велат дека условите се уште не го дозволуваат тоа.
Рохинџите пред да се вратат бараат гаранции за безбедност и признавање на нивните граѓански права.
Претставниците на западните земји во СБ на ОН изразија жалење поради недоволното дејствување на мјанмарските власти.