Епидемијата на непотизам во државава се рашири во толкави размери да ги зарази сите функционери и нивните роднини од СДСМ. Упориштата на зараза се државните институции каде што има огромни плати над просекот на платата во државата, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Вчера ние како ВМРО-ДПМНЕ поднесовме барање за постапување до државната комисија за спречување корупција и во прилог доставивме список на 182-ца роднини во блиско крвно сродство кои се вработени во државната администрација и државните институции. Очекуваме, разврска на овој најголем случај на непотизам во историјата на Република Македонија во најбрз можен рок и во најбрз можен рок антикорупционерите да ги санкционираат функционерите на СДСМ“ рече Арсовски.
Тој порача дека дополнително повикуваат уште еднаш, СДСМ да си погледне во редовите и уште веднаш да ги повика функционерите да си поднесат оставки, бидејќи тоа е чин на морал.
„Не е чин на морал еден член на семејството да си даде отказ на работа, а друг да не си даде. На прсти може да се избројат роднините што си дадоа откази на работа, дали се 4- ца или 5-ца. Замислете само 4 или 5 луѓе од список со 182-ца си дале откази од работа од морални причини и само толку се одзвале на повикот на Заев да си дадат откази како што тие викаат морални причини“ истакна Арсовски.
Според него, отказите на овие 4, 5 луѓе докажуваат дека навистина имало влијание врз вработувањата и со нив си ја признаа вината.
„Штом има признание на вината за влијание врз вработување на роднините, функционерите на СДСМ треба уште веднаш да си дадат оставки и да сносат одговорност согласно законите. Толку од моралот и моралните принципи на СДСМ. Затоа, СДСМ треба и мора да ги изгуби овие избори. Овие избори се шанса за граѓаните да го симнат ова зло од власт и да се спречи епидемијата на непотизам која се шири, за жал во епски размери“ порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.