Дали на бебињата им се потребни дополнителни витамини?

Според препораките на нутриционистката Бриџит Свини, одвојуваме неколку совети важни за правилниот развој на вашето бебе.

 

По завршени 4 или 6 месеци од животот на бебето, неговата исхрана се менува. Покрај мајчиното или адаптираното млеко кое е главна храна до првата година, бебето почнува со внесување на вкусови, односно со цврста храна. Педијатарот може, но и не мора да препорача дополнителни витамини како суплементи.

Во повеќето случаи, мајчиното млеко и адаптираната формула на бебето му обезбедува сè што му е потребно од четвртиот до шестиот месец. Исклучок е витаминот Д, кој се препорачува како суплемент. Од 6 месеци нагоре на бебињата кои јадат разновидна храна не им се потребни суплементи, но секогаш има исклучоци. На пример, можат да бидат потребни ако станува збор за предвремено родено бебе, бебе со намалена тежина или гестациска незрелост или доколку бебето има хронични проблеми кои влијаат на способноста да јаде.

Доколку сте поборник на веганска исхрана, информирајте го докторот за тоа. Витамините Б12, железо, цинк, калциум и омега-3 масните киселини се состојки кои мајката и бебето ќе треба дополнително да ги внесуваат.

Кога ќе почнете со воведување цврста храна бебето ќе почне да добива повеќе витамини и минерали. Одвојуваме неколку суплементи кои лекарот може да ви ги препорача:

1. Железо

И мајчиното млеко и ад млекото содржат железо, но како што расте бебето така се зголемуваат потребите за железо (од 0,27 мг дневно во текот на првите 6 месеци до 11 мг дневно од 7 до 12 месеци). Важно е вашето бебе да има добар извор на железо преку исхраната. Тоа значи храна во која ќе има месо, житарки од цело зрно, зеленчук како грашок, леќа и грав.

Педијатарот може да ви препорача суплементи за железо доколку бебето не јаде храна богата со железо. Предвремените бебиња имаат помали резерви на железо по раѓањето.

2. Витамин Д

Мали количини витамин Д се внесуваат преку мајчиното млеко. Од таа причина Американската Академија на Педијатари предлага да давате на бебето 0,01 мг витамин Д уште од првите денови од раѓањето.

Нашето тело произведува витамин Д по изложување на сонце. Вашето бебе нема да биде изложено на сонце во првите 6 месеци, така што не добива доволно витамин Д.

Кожата на малите бебиња е многу тенка и чувствителна и секое излагање на сонце може да биде ризик за појава на рак на кожата и создавање брчки подоцна во животот, дури и кога кожата не гори.

3. Витамин  Б12

Овој витамин е многу важен за правилен развој на нервниот систем и за превенција на анемија. Се наоѓа во рибата, месото, јајцата, млекото и млечните производи.

4. ДХА, важна омега-3 масна киселина

Важна е за развојот на детскиот мозок и очите, а се внесува преку млекото, но и вашата исхрана. Адаптираното млеко има доволно количини на ДХА.

ДХА суплементи обично не им се препорачуваат на бебиња, но мајките кои дојат, а не консумираат ДХА преку исхрана (вегетаријанци и вегани) и нивните деца имаат помало ниво во крвта за разлика од оние кои јадат месо.

Треба да знаете
Последни објави