Премиерот Зоран Заев вчера во Виена се сретна и со австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше и негов почесен гостин на Виенскиот Бал.
„Искористивме прилика да се видиме со Канцеларот Курц, кој важи за голем пријател на целиот Балкан, но и нашата Република Северна Македонија и кој ја поддржува интеграцијата на државата и во Европската Унија па дури и во НАТО иако Австрија не е земја членка на НАТО. Но, целиот овој период, од самостојноста на Северна Македонија, Австрија важи за една од нашите најголеми поддржувачи“, рече Заев по средбата.
Секако, додаде тој, поддршките што последниве години доаѓаа се важни, од поддршката за Преспанскиот договор до реформите дома и сега за она што се случува во делот на економијата бидејќи на еден начин поврзани сме со компании од Австрија.
„Искористивме прилика да разговараме и за економска соработка зошто за нас сега тоа е многу значајно. Веќе добивме една конкретна понуда којашто дома ќе ја разгледаме, за австриска компанија и нејзин влез во инвестициите на Клиничкиот центар, преку евтино финансирање од страна на Австрија, со дополнителен грант, којшто ќе ги намали севкупните трошоци за инвестирање во самиот Клинички центар. Деталите ќе ги добиеме на писмено и дома ќе ги разгледаме за да може да се исконсултираме со опозицијата, со стручните луѓе, со експертите. Верувам дека тоа ќе даде можност за брза постапка за самата реализација на Клиничкиот центар“, рече Заев.