Остануваат неколку месеци до јуни кога Европскиот совет треба да донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Овој период земјата треба да се фокусира на реформските цели и националното единство. Нема време за губење. Добра вест е што и Владата и опозицијата се согласни дека евроинтеграцијата треба да напредува.
Ова го истакна европратеникот Туне Келам кој ја предводи седумчлената делегација на Европскиот парламент во посета на земјата со цел оценка за реформите и подготвеноста за отпочнување пристапни преговори.
-Северна Македонија и вашите граѓани го заслужуваат почетокот на преговорите со ЕУ. Веќе имате постигнато многу да ги започнете преговорите. Иако во оваа фаза не е јасно дали ќе има едногласна одлука на Европскиот совет, ние работиме на тоа. Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги продолжите реформите. Сега не е време да ги славите успесите кои се реално постигнати, туку да се фокусирате на активностите што се од суштинска важност за вашата земја. Нас ни е потребна Северна Македонија како членка на ЕУ, порача Келам, кој е претседател на Комитететот за надворешни работи при Европскиот парламент.
Тој нагласи дека посетата е во време кое е од критичка важност за Северна Македонија, но си заминуваат од земјава со чувство на надеж, имајќи ги предвид промените во изминатата година и пол како што се практично членството во НАТО и фактот што соседните земји беа први што го ратификуваа Протоколот за влез во Алијансата.
Како многу важни ги нагласи и претстојните претседателски избори.
-Ако изборите се одржат во клима на национално помирување, на правичен и транспарентен начин, тоа ќе биде дополнителен аргумент за да се даде поддршка на Македонија, рече европратеникот Келам.
Седумчлената Делегација на ЕП за време на дводневниот престој во земјата имаше средби во Владата, Собранието, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор. Делегацијата ја посети и пречистителната станица во Кичево изградена со пари од ЕУ-фондовите