Царовска: Термините мајка и татко нема да се заменат со родител 1 и родител 2

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска како лажни вести ги оцени информациите дека се планира менување на регулирањето на семејството кое сега, како што вели, е позиционирано како дефиниција помеѓу маж и жена, а родителите се ословуваат со мајка и татко, во родител 1 и родител 2. Тоа, додава, е регулирано во законот за семејство, а измените не се во собраниска процедура, ниту на дневен ред во Министерството.

-Многу е страшно што се дозволува во Република Северна Македонија лажните вести да се шират побрзо од вистинските. Во моментот во Собранието се разговара за Законот за недискриминација. Законот за семејство ниту е на дневен ред, ниту е на дневен ред во Министерството за труд и социјална политика. Со законот за недискриминација, како и во сите држави што се развиени, европски, кон што и Македонија се стреми, се регулира системот за заштита од дискриминација, не се регулираат семејните односи, изјави денеска Царовска.

Таа ги замоли сите медиуми и граѓаните да не подлегнуваат под лажните вести и манипулацијата што опозицијата се обидува да ја шири затоа што, како што рече, 10 години владеела со страв и манипулации и оти тоа денес не смее се дозволи.

-Да се фокусираме на Законот за недискриминација што апсолутно дава еден друг стандард за заштита од дискриминација за сите граѓани и во кој првпат се воведува професионална комисија која ќе треба да има искуство и знаења за да спречи дискриминација и да постапува по неа. Дополнително се воведуваат други термини како што се сегрегација која досега не сме ја имале, затоа што тоа е нешто што треба да се вклучи, имаме родов идентитет, сексуална ориентација и сето тоа дава нов стандард за Македонија согласно европските директиви, согласно меѓународните стандарди, согласно стандардите што нашата држава ги ратификувала, рече Царовска.

Таа смета дека овој е еден од ретките закони што од сите меѓународни тела добил позитивно мислење и така доставен на Влада и од Влада доставен во Собранието.

-Јас очекувам сите пратеници конечно да застанат зад овој закон со цел да Македонија ја доведеме на ниво на земја која ги почитува човековите права и недискриминира, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на првата „бејгл” пекарница во Струмица.

Треба да знаете
Последни објави