Системот за цивилна заштита не е сегмент од маргинално значење, туку, напротив, примарна задача на секој институционално уреден систем е да изгради и да сообрази систем кој ќе превенира, делува, санира, сведувајќи ги така можните опасни последици на минимум, особено кога станува збор за природните катастрофи.
Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во воведното обраќање на денешната научно-стручна трибина во Скопје насловена „Современ систем на цивилната заштита” организирана од Дирекцијата за заштита и спасување и Филозофскиот факултет при УКИМ.
-Ако сакаме да го заокружиме процесот на одбрана и безбедност на Република Северна Македонија, најголем акцент треба да дадеме на заштитата и спасувањето како една од најслабите алки во државата, посочи министерот Спасовски.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, истакна дека системот на заштита и спасување на Република Северна Македонија е комплексен и сложен каде што Дирекцијата е централен административен орган одговорен за проектирање, планирање и координирање на системот за акција во фаза на превенција и при рекација во фаза на катастрофи. Политиката за заштита и спасување се спроведува од Владата, ДЗС, централните органи на државната управа и на локално и на регионално ниво, а е во насока на подигање на свеста од ризици и имплментација на други превентивни мерки.
Трибината, рече, има за цел изнаоѓање оптимални модели за образовниот концепт на заштита и спасување, отпорност на заедницата од катастрофи и заштита на критичната инфраструктура која е суштински дел на националната безбедност на секоја држава, а произлезените препораки, сугестии и предлози да се применат во натамошното постапување на системите на цивилна заштита.
На форумот се обратија и деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, деканот на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии при Универзитетот во Сараево, Неџад Корајлиќ, и деканот на Факултетот за безбедност во Скопје, Никола Дујовски, кои подвлекоа дека е важно теоријата и практиката мора да одат заедно.
Трибината се организира по повод 1 Март – Меѓународниот ден на цивилната заштита, а предвидува одржување три панел-дискусиии – Цивилната заштита и образованието (регионални и современи искуства во инкорпорирање на цивилната заштита во образовниот систем), Намалување на ризиците од катастрофи и отпорност на заедниците кон катастрофи и Заштита на критична инфраструктура.