Канадското министерство за правда го почна процесот за екстрадиција во САД на Менг Ванжу, финансиска директорка на компанијата „Хуавеј“, која на 1 декември лани беше уапсена во Ванкувер, на барање на американските власти.
„Еден месец откако американското правосудство го објави обвинението против ‘Хуавеј’ и против директорката, канадското министерство издаде налог со што официјално почнува процесот на екстрадиција на Менг на САД“, соопшти канадската влада.
САД ја обвинија компанијата „Хуавеј“ и Менг дека не ги почитувале американските санкции за Иран, но и дека преку две подружници украле индустриска тајна на американската телекомуникациска компанија „Т-мобиле“.
Адвокатите на Менг оцениле дека обвинувањата од САД се политички мотивирани.
„Нашата клиентка тврди дека е невина и дека американскиот судски процес за екстрадиција е злоупотреба на процесното право“, навеле тие.
Канада претходно го одби барањето на Кина за ослободување на Менг.
Менг, која е ќерка на основачот на „Хуавеј“, беше ослободена со кауција на средината на декември во Ванкувер каде што има две резиденции.
Односите меѓу Кина и Канада се заладија по нејзиното апсење. Кина како одговор уапси двајца канадски државјани, а еден осуди на смртна казна поради шверц на дрога.