Германската канцеларка Ангела Меркел ги пофали учениците и студентите во светот кои протестираат против климатските промени, а министерката за правда Катарина Барлеј побара правото на глас да се воведе и за 16-годишните лица.
„Силно ги поддржувам учениците и студентите кои излегуваат на улица за заштита на климата и тоа што се борат за она што сметаат дека е исправно“ рекла Меркел.
Според неа тоа е добра иницијатива, а како што рекла, факт е дека некои процеси во корист на заштита на климата се одвиваат многу бавно.
„Знам дека учениците сакаат некои работи да се одвиваат побрзо, како откажувањето од јаглен како извор на енергија. Но, мораме некако да ги сочуваме работните места и економската исплатливост од една страна и заштитата на климата од друга страна“ додала канцеларката.
Вчера во Хамбург беше одржан протест на ученици и студенти, на кој пред неколку илјади демонстранти, зборувала и шведската еколошка активистка, Грета Тунберг.
Масовниот одзив на студенти на протестот предизвика и реакции на некои политичари, кои рекле дека учениците во тоа време и требало да се во училиштата.