Харадинај: Спремен сум да дадам оставка ако САД го побараат тоа, но таксите остануваат

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјавил дека е спремен да ја напушти функцијата ако тоа го побараат САД, но дека таксите за производите од Србија ќе останат.

Во интервју за косовскиот јавен сервир РТК, Харадинај рекол дека таа мерка ќе остане и нема да се укине дури и ако тоа го побара главниот косовски сојузник – САД.

„Ако Американец дојде и ми рече: ‘Рамуш напушти ја функцијата’, јас ќе заминам. Но таксите ќе останат“, рекол тој, пренесува „Танјуг“.

Харадинај рекол дека Америка е како „големиот брат“ и дека ја тестира Приштина колку може да издржи.

Говорејќи за можноста САД да ги повлечат своите сили од Кфор од Бондстил, Харадинај рекол дека САД нема да го направат тоа поради таксите, туку само ако тоа е според нивните безбедносни планови.

„Ако Америка планира да ги повлече своите трупи од Бондстил, ќе ги тргне, а ако нема намера да ги тргне, нема да ги тргне. Бидете мирни, затоа што тоа нема да се случи“, рекол косовскиот премиер.

Тој ги обвинил косовскиот претседател Хашим Тачи и албанскиот премиер Еди Рама дека застапуваат идеи за поделба на територии заради добивање на признание на ткн. косовска независност. Тој повторил дека е против давање територии во замена за признавање и смета дека неговиот услов Србија да ја признае независноста на Косово за укинување на таксите секогаш бил искрен.

Треба да знаете
Последни објави