Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска беше дел од креативната работилница за деца, организирана по повод Светскиот ден на ретките болести.
„Со ретка болест може да се соочи било кое семејство. Она што ние како Влада се стремиме да го направиме за нашите граѓани е да изградиме системска поддршка, со која нема да дозволиме ниту иднината на децата, ниту животот на луѓето со ретки болести и нивните семејства да биде дефиниран од нивната болест. Наша цел е да им овозможиме исполнето секојдневие, можности за развој и напредок на секој од нив“, изјави Царовска.
МТСП, заедно со Министерството за здравство, неодамна го отвори првиот мобилен сервис за здравствени и социјални услуги, а целта е ваквиот сервис да се воспостави низ целата држава. На овој начин, велат од МТСП, се доближуваат услугите до граѓаните и се овозможува навремено препознавање на здравствените и социјални ризици во семејствата, а ова е особено важно, бидејќи дел од основните проблеми со кои се соочуваат лицата со ретки болести, се задоцнето откривање на болеста, и тешкотии во пристапот до третман и нега.
Со новиот Закон за социјална заштита МТСП ја воведува услугата за одмена на семејна грижа, односно се обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови, го подобрува квалитетот на животот на семејствата на лицата на кои им е потребна континуирана нега. Исто така, правото на скратено работно време поради нега на дете или лице со попреченост се зголемува и ќе изнесува до 50% од просечната плата, а за првпат се воведуваат услугите за персонална асистенција и услугата за помош и нега во домот.
Денешната работилница се одржа во Детскиот Креативен Центар, во организација на Националната Алијанса за ретки болести на РМ – НАРБМ, а со цел да ги запознае учесниците со различностите и ретките болести.