Јас бев во политиката едно време и мислев дека тоа не е мојот свет, меѓутоа политиката почна да го креира нашиот живот и кога зборуваме за добри политики тогаш имаме и добар живот, но се случија нешта кои наместо уметност на можното покажаа дека политиката може да биде на некаков начин, земена, украдена и окупирана од мал дел на луѓе. Таа не може да биде само една страна, а да не биде со критика. За нешта што се наш живот, наш идентитет, во Република Македонија решаваат неколкумина, рече Гордана Силјановска Давкова на 18.Конференција на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека ќе најде многу правни причини за оспорување на тоа што се случуваше за промена на името на Македонија за внатрешна употреба. Освен политичка, таа наведе дека има и женска визија и дека во кампањата повеќе ќе биде опкружена со жени.
-Честопати велам штитејќи ја опозицијата политичарите се штитат себеси, оти демократијата е игра. За жал на Балканот се случуваат работи кои можам да ги наречам „цезаризам“, „бонапартизам“, „олигархија “. Во Република Македонија за нешта кои никој нема право сам да ги решава, во Македонија решаваа неколкумина. Нивните зборови споредени кога биле опозиција и сега, во дилема сум дали се работи за исти луѓе, бидејќи тоа што го ветиле не го исполниле. Политиката може да ја загрози не само државноста, да не води сметка за идентитетот, туку како што вели еден британски лорд „политиката може да расипе, може да корумпира и апсолутната политика може да расипе и корумпира, вели Силјановска.



