Новиот селектор Брестовац најави подмладување на репрезентацијата

Ракометната федерација на Македонија го промовира новиот селектор на машката А-репрезентација, Данило Брестовац, aктуелниот предводник на Металург, кој се заблагодари на довербата. Новиот селектор е решен да ја прекине досегашната тактика „седум на шест“ како наше главно оружје во нападот на наредните натпревари.

-Благодарност до комисијата и до претседателот што одговорија позитивно на мојата кандидатура за селектор. Прифатив, затоа што мислам дека сум способен да одговорам на оваа функција. Сето она што е позади мене ми дава за право да дојдам до остварување на овој мој професионален сон, да бидам на чело на македонската репрезентација, рече Бретовац.

Тој најави дека нема да ја користи како главна тактиката „7 на 6“, но и дека е подготвен за „ремонт“ во репрезентацијата, што ќе значи и посериозно вклучување во националниот тим на помладите ракометари.

„Ќе се обидам да поправам многу работи во репрезентацијата кои во некои неофицијални разговори сме ги разговарале со челниците на РФМ, но срамежливо сме доаѓале до заклучол дека е многу рано. Сепак, јас храбро би го направил тој чекор бидејќи сметам дека е дојдено вистинско време за такво нешто. Реално има момци кои заслужуваат минутажа, а не ја добивале досега. После ќе констатираме дали тие заслужуваат да бидат стандардни или не, додека некому не му дадеш шанса, никој не може да знае колку се спремни за таа улога. Во мак-ракометот тешко се доаѓа во ситуација да се замени некој, треба на овие две средби со Исланд да видиме со што располагаме. Јас верувам во момците, но и тие со својата волја и квалитет да покажат дека вредат да бидат дел од националниот тим. Ако ја искористат шансата супер, ако не- тогаш самите си ја затвориле вратата“, порачува Данило Брестовац.

Данило Брестовац до јуни ќе извршува две функции – тренер на Металург и селектор на кадетската и сениорската репрезентација. Тој вели дека идејата да се кандидира ја добил токму од клубот.

 

Треба да знаете
Последни објави