Бошкоски и Груевски за 27 април ќе се бараат со меѓународна потерница

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Министерството за внатрешни работи достави наредби за издавање на централни и меѓународни потерници за експремиерот Никола Груевски и поранешниот вработен во УБК, Никола Бошкоски, осомничени за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. И двајцата се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„По спроведената предистрага, на 20 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка за петмина, меѓу кои и за овие две лица кои се недостапни на органите на прогонот. Тогаш, јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети законските основи до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, при што на овие две лица им е определена мерка притвор во траење од 30 дена од нивното пронаоѓање“, соопштија од Обвинителството.

Груевски од ноември лани е во бегство во Будимпешта каде што доби политички азил, а Бошкоски повеќе од една година е во бегство во Грција. И двајцата се обвинети во повеќе предмети на СЈО, а Груевски е осуден во предметот „Тенк“ за набавка на луксузниот „мерцедес“ од 600 000 евра.

На 20 февруари поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексминистерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски беа на распит како осомничени под сомнение дека се дел организаторите на упадот во Собранието. На Јанакиески и Ристовски им беше определен притвор.

Треба да знаете
Последни објави