Две сестри, на возраст од осум и пет години, кои во петокот исчезнаа во Северна Калифорнија пронајдени се во рамки на големата потрага по нив во која биле вклучени хеликоптери и кучиња трагачи.
Сестрите Карико, Леа (8) и Керолајн (5) биле пронајдени од командантот на противпожарната единица и еден пожарникар, кои ги следеле трагите на чизмите што ги носеле девојчињата.
„Ова е вистинско чудо“, рекол локалниот шериф, Вилијам Хонсал, објаснувајќи дека девојчињата биле пронајдени во дивината на Северна Калифорнија.
„Иако девојчињата се дехидрирани, тие не се повредени и се во добро расположене“, додал Хонсал.
Тој истакнал дека девојчињата биле членови на локален клуб каде што биле обучувани како да се преживее на отворено и верува дека тоа им помогнало.
По исчезнатите сестри трагале повеќе од 100 полицајци и спасувачи, вклучувајќи и припадници на Националната гарда и американската крајбрежна стража.
Тие за последен пат биле забележани во петокот околу 14:30 по локално време, пред нивниот дом во Бенбоу, мал град 320 километри северозападно од Сакраменто.
Девојчињата биле пронајдени во саботата, кога спасувачите наишле на стапки од нивните гумени чизми и обвивки од чоколатца кои сестрите ги оставиле зад себе, рекол полковникот Мајк Фридли.