Лидерите на косовските институции ѝ ја честитаа на коалицијата на политичките партии на Албанците во Црна Гора, „Албански форум”, победата на локалните избори во новоформираната црногорска општина Туз, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи оцени дека „победата во Туз е сеалбанска победа”.
– Ова е најсвеж доказ за тоа што можат да постигнат Албанците кога се обединети околу еден идеал, напиша Тачи на Фејсбук.
Претседателот на Собранието, Кадри Весели рече дека вчерашната победа на Албанците во Туз е „порака за сите Албанци, каде и да се”.
– Кога се обединуваме стасуваме таму каде што сакаме. Секогаш. Честитки!, напиша Весели.
Премиерот Рамуш Харадинај, исто така, оцени дека обединување на албанските субјекти во Туз претставува одличен пример за тоа дека единството носи успеси.
– Обединетата коалиција на албанските политички субјекти се избори за правото да го води Туз. Одличен пример дека единството на албанскиот фактор носи успеси. Честитки за Албанците од Туз за оваа историска победа, напиша Харадинај.
Слични пораки и честитки до Албанците во црногорскиот планински регион Малесија упатија и вицепремиерите Беџет Пацоли, Фатмир Лимај и Енвер Хоџај, како и лидерите на политичките партии, граѓански здруженија и личности од јавниот живот во Косово.
Коалицијата „Албански форум” на вчерашните избори во Туз освои повеќе од 47 отсто од гласовите, со што обезбеди 16 места во 32-члениот совет на општината.