Излезе од печат најновата книга поезија со наслов „Песни за Палестина” на битолчанецот Панде Манојлов.
Книгата содржи шеесетина песни исклучиво посветени на Палестина и страдањата на палестинскиот народ под окупација и неуморната борба да дојде до слобода.
Првата песна посветена на Палестина Манојлов ја објави во септември 1982 година во весникот „Нова Македонија”, инспириран од крвавите напади на палестинските логори Сабра и Шатила во кои беа убиени и ранети илјадници Палестинци.
-Песната веднаш беше препеана на арапски јазик од тогашниот скопски студент од Палестина, Абас Абделкарим, и објавена во четиринаесет држави од арапскиот свет. Останатите песни се напишани во последните триесетина години, изјави за МИА поетот Манојлов.
Панде Манојлов е автор на дваесет и осум книги поезија и проза, дел од неговите песни се објавувани на повеќе јазици во светот. Манојлов е член на Друштвото на писателите на Македонија, како и на Македонско научно друштво-Битола.