Во Кривичниот суд не се одржа за денеска закажаното рочиште за случајот „Топлик”, каде првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град”.
Причина за одложувањето на денешното рочиште е неприсуство на еден од поротниците.
Судењето треба да продолжи на 20 март со изведување докази од страна на одбраната на обвинетите.
Случајот „Топлик” се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.
Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град” во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити”.
Според обвинението, Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот буџет за 64.206.839 денари, односно за милион и 44.000 евра.