Француската Академија која е задолжена за речникот на францускиот јазик, разгледува извештај во кој се предлага женски род за професиите, што долго време беше вистинска табу тема во институцијата која во 17 век ја основа кардиналот Ришеље.
Извештајот од околу 20 страници треба да им биде претставен на „бесмртниците” како што ги нарекуваат членовите на Академијата. Извештајот го состави комисија која ја сочинуваат претседавачот Габриел де Блогли (87), писателката Даниела Салнав, поетот со британско потекло Мајкл Евдардс и писателката Доминик Бона.
Бона, кој беше биограф на писателот Ромен Гари, одамна предлага дебата за женски род на професиите. Многумина наведоа дека машкиот род за занимањата не е неутрален, затоа што е род кој е подоминантен во јазикот.
Доколку Академијата го усвои извештајот, тоа би било оценето како „револуција”, затоа што оваа институција жестоко се бори против феминизација на професиите кои се веќе воведени во франкофонските земји – во Белгија, Швајцарија и Канада.
Академијата во 2014 година соопшти дека се дозволува женски род за некои професии, ако менувањето на родот е во духот на јазикот и во согласност со општите правила на граматиката. Меѓутоа, категорично не се согласува женскиот род да биде ставен вон општите јазични правила, затоа што тоа го смета за „јазичен варваризам”.
Во францускиот речник на пример постои збор „амбасадорка”, но не значи жена дипломат, туку сопруга на амбасадорот.
Академијата генерално не е против женски род на именките, но се залага за строга и правилна употреба на францускиор јазик.