Царовска на средба со Клајн: Создаваме услуги за полесно вработување и намалување на сиромаштијата

Тековните реформи во системите за социјална заштита, професионална рехабилитација на лица со попрченост, вработување млади лица, демографски развој и грижа, беа дел од темите на денешната билатерална средба во Скопје на министерките за труд и социјална политика на Австрија и Северна Македонија, Хартингер Клајн и Мила Царовска.

На средбата, како што соопштија од МТСП, министерките Клајн и Царовска разговараа за можностите за соработка помеѓу двете земји и реализација на заеднички реформски процеси.

-Подготвивме пакет законски решенија со кои го преобразуваме целото општество и кои треба да ја намалат сиромаштијата преку активација на пазарот на труд на лицата во социјален ризик. Овие законски реформи во моментот се во собраниска процедура. Изминатиот период, исто така, бевме единствена земја која не e членка на ЕУ, а ја спроведе Гаранцијата за млади. Оваа мерка е дел од Оперативниот план за вработување и годинава, бидејќи нејзиното спроведување минатата година даде одлични резултати, рече министерката Царовска.

Австриската министерка Клајн ја поздрави социјалната реформа што ја подготви Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија и посочи дека ваквите реформски чекори се дел од процесите што земјата треба да ги спроведе на патот кон ЕУ.

Клајн посочи дека во целиот овој процес се многу важни и услугите што ги нуди државата во сите сегменти на социјалната заштита.

-Целта на нашата Влада е што повеќе лица да се активни на пазарот на труд со помош на мрежата на услуги што ги нудиме за нивна интеграција, рече Клајн. 

Треба да знаете
Последни објави